Двааесет паноа на кои се поставени фотографии, карти, факсимили, писма, дневници преписки и други документи од случувања поврзани со Балканските војни…
…во Македонија веќе неколку дена се наоѓаат во фоајето на ЦК „Бели мугри“ во Кочани, изложба што ја подготвија историчарот, професор д-р Александар Трајковски, и директорот на Државниот архив на РМ, Зоран Тодоровски.
„Најголемиот број од документите потекнуваат од Воениот архив од Велико Трново, РБ, и најголемиот број од нив за прв пат се презентираат пред македонската јавност. Добар дел од нив зборуваат за македонското ополчение (доброволци), за македонските чети. Има фотографии и од војските на Србија, Бугарија и Турција, но најмногу од фотографиите и документите се од македонските доброволци. Нашата концепција беше со изложбата да го прикажеме делот од Балканските војни што се одвивале на овој терен, но најмногу во источна Македонија“, рече отворајќи ја изложбата, еден од авторите, Зоран Тодоровски.
Директорот на кочанскиот Центар за култура, Коце Стојменов, ја повика публиката да ја посети изложбата.
„Ги поканувам граѓаните на Општина Кочани да дојдат и да ја разгледаат изложбата. Ние стоиме на располагање да овозможиме дополнителни информации, да дообјасниме, ако тоа некој го сака. Изложбата ќе биде кај нас до 17 април“.
Продукциски зад „Балканските војни во Македонија“ стои Музејот на Кавадарци, а изложбата е изработена со финансиска подршка на Министерството за култура.