
Младински образовен форум Ве поканува на церемонијалното отворање на патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес “ во вторник (17.04.2018) со почеток од 18:00 часот во НУЦК „Бели мугри“. Влезот е бесплатен. Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели, преведени на македонски и албански јазик, кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини. Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк. До сега, изложбата беше поставена во 16 градови во државата, а ја посетиле повеќе од 16 илјади млади. Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија. Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.