ТЕАТАР СО СЕНКИ

Наш Мал Театар е проект кој се родил како идеја на двајца актери – Нина Максимова и Благојчо Стојанов (дипломирани актери на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје во класата на проф. Зоја Бузалковска). “Нашата фасцинација од мистиката на театарот на сенки започна уште во текот на студиите на ФДУ, кога се запознавме со еден од најстарите и најмистични форми на театар – Tурскиот театар на сенки – Караѓос. Понесени од идејата да создаваме театарска магија позади белиот чаршаф, почнавме да го создаваме нашиот свет – експериментирајќи со изразот, конкретизирајќи го стилот, создавајќи уникатни приказни, и сето тоа со голема љубов и креативност. Наш Мал Театар е всушност мало патување кон еден свет кој наликува на оној од соништата – каде што времето и просторот се измислени и минливи, каде се е можно и каде што се што може да се измисли – може и да постои. Затоа, децата (или возрасните – сонувачи и деца по дух) најмногу уживаат во нашите претстави – затоа што нашиот перформанс кореспондира со нивната неограничена фантазија и имагинација.”