„Сметајќи дека ќе создадеме нова традиција, дружењето на поетите го започнавме минатата година, кога одзивот од вас, роднокрајните автори, и бројот на пристигнати творби на конкурсот не израдува. Тоа беше мотив повеќе да го направиме вториот чекор од создавањето на новата традиција. Дотолку повеќе сме задоволни што годинава има автори што повторно учествуваат – значи ја прифатиле нашата замисла, но и нови поетски имиња кои сме успеале да ги инспирираме и ни се приклучиле“, рече на завршницата од одбележувањето на јубилејот – 75 години од издавањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Коста Солев Рацин, директорот на ЦК „Бели мугри“, Коце Стојменов. Истовремено, тој додаде дека годинава во однос на минатата година кога имаше само поезија, чествување на Рацин и на неговите „Бели мугри“, е збогатено со музички и ликовен дел.
Манифестацијата која беше дводневна, ЦК од Кочани ја започна со концерт на ФА „Мугри“, ја продолжи со ликовна изложба насловена „Арт варијации“, за која зборуваше Мики Трендафиловски, ликовен уметник од Куманово, додека финалето беше на 25 ноември со читање на творбите што учествуваа на конкурсот распишан на почетокот на ноември. На настапот на поетите претходеше драматизација на стихови од Кочо Рацин на ученичките во ОУ „Никола Карев“: Сандра Наунова и Вања Дојчинова, чиј ментор е Љупка Стојменова, нивен наставник.
„Приликава ја користам да кажам дека Центарот за култура го задржува ревијалниот карактер на конкурсот затоа што намерата не е да се избира, селектира и наградува. Намерата е да се поттикнат роднокрајните автори на ново творештво и создавање трајни вредности кои ќе останат во културно наследство на идните генерации.
Кочо Рацин во текот на својот краток живот за неговите ’Бели мугри’ не бил ниту еднаш награден, но стихозбирката до ден денес доживеала неколку реизданија, преведена е на повеќе јазици, го има истиот сјај како и пред 75 години и се уште е репер за современите македонски творци.
Преку конкурсот, ЦК ’Бели мугри’ ја презема улогата на медијатор и се обидува посилно да ги поврзе читателите и авторите. Читателската публика, пак, е таа што умее да ги препознае вредностите и нив да ги наградува“, рече обраќајќи им се на гостите и авторите, Габриела Стефановска, во името на Национална установа од Кочани, која е единствена институција од културата во државата која за патрон го има Рацин и неговата стихозбирка.
Пристигнатите творби на вториот конкурс на кочанскиот ЦК насловен „Бели мугри – современа поезија“, вкупно 17, сите на роднокрајни автори, се публикувани во билтен, со што се продолжи практиката востановена минатата година.