Изложбата од рачно изработен накит на Анастасија (13), Ана – Марија (17) и Јована (10) Андови привлече навистина голем
интерес. Фоајето на спратот во ЦК „Бели мугри“ одамна не било толку полно. Креациите на трите сестри, кај кои е видлив уметничкиот ген што го наследиле од нивната мајка, Благица Андова – Николова, дипломиран ликовен уметник, искреноста кога создавале и искреноста и спонтаноста кога ја промовираа колекцијата, никого во фоајето не остави рамнодушен.
„Изложбата многу ми значи, мене и на моите сестри, затоа што ни е прва. Едноставно, јас уживам во она што го правам, уживав додека го работев накитот, уживам вечерва“, ни рече Анастасија, која стои зад поголемиот дел од заедничката колекција од накит.
„Упатувам голема благодарност на сите што дојдоа, на моите пријателки и пријатели, на колегите и колешки на мама и тато. Наша нова изложба не треба наскоро да се очекува. Сега е во ек школската година и немам многу слободно време. Но, после летниот распуст можно е потворно да се појавиме пред публиката, да се надеваме. Мотиви има, ги пронаогам во секојдневието, во она што не опкружува, пробам, експериментирам, барам нови идеи“, вели Анастасија, која штотуку има навлезено во тинејџерските години.
Околу 700 парчиња рачно изработен накит од полимерна глина и метал се најдоа пред посетителите во четвртокот (9 април) вечерта. Изложбата ја претстави Илинка Атанасова, историчар на уметноста, која е рецензент на каталогот, за кој, пак, Благица Андова – Николова, го направи графичкиот дизајн.
Сестрите Андови ја промовираа изложбата од рачно изработен накит
