Ученици на ОУ „Ловќенски партизански одред“ од Цетиње, Црна Гора, ќе учествуваат во одбележувањето на патрониот празник на ОУ „Никола Карев“ од Кочани, со кое се побратимени, пишува порталот на Радио и Телевизија Црна Гора, наведувајќи дека Македонија деновиве ја одбележува 110-годишнината од смртта на претседателот на Крушевска Република, Никола Карев, и дека кочанското ОУ, освен тоа што го одбележува патрониот празник, слави и 58 години од своето основање.
РТЦГ пишува дека четворица ученици од ОУ „Ловќенски партизански одред“ од Цетиње ќе бидат дел од свеченоста на ОУ „Никола Карев“ в петок во Кочани и дека ќе имаат музички и спортски настап. Учениците од ова училиште од Цетиње беа најголеми навивачи на на македонската женска фудбалска репрезентација, кој пред десетина дена играше на турнир во Подгорица.
Во делегацијата од Цетиње што ќе гостува во Кочани ќе биде и претставник на државниот врв од Подгорица, чиј Секретаријат за социјалната политика и млади помага во реализирањето на оваа посета.
Настапот на учениците од Цетиње на прославата на патронатот на ОУ „Никола Карев“ од Кочани ќе го следат претставници на Амбасадата на Црна Гора во Скопје. Според РТЦГ, најавено е и доаѓање во Кочани на амбасадорот на Македонија во Црна Гора.