Во фоајето на спратот на ЦК „Бели Мугри“ – Кочани, синоќа беше отворена ретроспективната изложба насловена „Бучава што создава идентитет“, посветена на 60 години македонска рок култура, музика и поезија (1963–2023), чија автор е Тошо Филиповски.
Изложбата претставува визуелна и документарна приказна за развојот на македонската рок сцена, преку внимателно одбрани фотографии од легендарни бендови, портрети на нивните фронтмени, како и уникатни рачно испишани текстови на песни – автентични документи кои ја носат енергијата, естетиката и духот на различните генерации што ја градеа оваа музичка традиција, рече на отворањето Филиповски.

-Сите фотографии се поставени на канвас, а текстовите на песните се презентирани токму во нивната оригинална форма – како што биле напишани од музичарите, фотокопирани но и оригинални исписи ставени во рамки, нагласи авторот.
Ретроспективната изложба „Бучава што создава идентитет“, според Филиповски, претставува дијалог помеѓу слика, звук и збори овозможува ретко доживување на културниот развој на македонската рок сцена. Тој смета дека „Бучава што создава идентитет“ не е само изложба – туки таа е потсетник на богатото творештво што низ децении го обликуваше современиот македонски културен пејзаж.

Изложбата е дел од пошироките активности за зачувување и валоризација на македонското музичко наследство. Реализирана е со поддршка на Министерството за култура и туризам и на НУ ЦК Бели Мугри – Кочани.
