Во текот на вчерашниот ден, во Центарот за култура „ Бели мугри“ Кочани пристигна новата современа ласерска и мобилна кино- опрема од реномирани производители од САД, Јапонија и Австрија во вредност од 1 2000 000 денари, набавена со финансиската донација од Агенцијата за електронска комуникација, за замена на веќе застарената и дотраена кино -опрема стара речиси шест децении.
По спроведената јавна набавка и склучениот договор со Трговското друштво за производство, трговија и услуги „ВИСИОН“ ДООЕЛ Скопје, се изврши инсталирањето на новата современа ласерска опрема и новото филмско платно. Во наредните денови ќе следува тест на функционалноста на опремата и обука за ракување со новата техника.

Истовремено, во тек се и подготовките околу креирање на редовен филмски репертоар, со цел кочанската публика да има разновиден избор и по вкус на сите возрасни категории.

Со надеж дека со осовременување на опремата, повозрасната публика ќе се врати, а помладата публика ќе ја почувствува магијата на големото филмско платно во кино сала и ќе стекне нови културни навики, Центарот за култура „ Бели мугри“ Кочани , навремено ќе ја информира јавноста за терминот на првата филмска проекција и за планираните филмски проекции во наредниот период.



НУ ЦК „ Бели мугри“ Кочани
