Наскоро – Премиера на детска новогодишна претстава во продукција на ЦК „Бели мугри“

„Секоја Нова година носи нова шанса — да бидеме подобри, посреќни и посилни.“

Водени од оваа мисла, децата од драмското детско студио при НУ ЦК ,,Бели мугри“- Кочани, со голема љубов и посветеност ги подготвуваат сцените од претставата ,, Дедо Мраз и Аладин“, која ќе ја врати заборавената магија на празниците и која ќе ги стопли срцата на сите генерации.

Во центарот на приказната е принцезата Лена, која лежи тажна и болна – не затоа што не добила подарок, туку затоа што не го видела Дедо Мраз кога ѝ го оставал подарокот.

Но, нејзината тага не останува незабележана! Ликови од најпознатите бајки се собираат обединети во заедничка мисија – да ја разбудат Лена и да ја вратат радоста во нејзиното срце.

Заедно, тие се соочуваат со предизвици, ја откриваат вредноста на пријателството и учат дека добрината и храброста секогаш победуваат. Претставата симболизира: единство и заедничка сила, надеж и добрина, како и волшебство кое живее во секое дете.

Пробите се исполнети со смеа, креативност и детска енергија. Сцената и реквизитите се подготвуваат, костимите оживуваат, а секој лик добива свој глас.

режија: Сања Гацовска,

НУ ЦК „Бели мугри“