Промовирана книгата „Стојанче Стефанов“ од м-р Марјан Гијовски

Преполна сала и могу болка и емоции. Во таква атмосфера помина промоцијата на книгата „Стојанче Стефанов“ синоќа во ЦК „Бели мугри“ од м – р Марјан Гијовски, чие семејство потекнува од Кочани и роднински е поврзано со Стефанови.

.Книгата од Гијовски со поднаслов (напишан на англиски)  „Прави го она што го прават големите момчиња“ е посветена на 24 – годишниот Стојанче Стефанов, 62 – ра жртва во трагедијата од 16 март.  Стефанов почина на 17 април на ВМА во Белград од последиците здобиени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
– Идејата за пишување на овој ракопис се роди некаде во мај оваа година, кога го правевме четириесетдневниот помен. Активно почнав да работам од втората половина на јуни и тоа траеше до октомври. Навистина сум благодарен на моите соработници, на рецензентката, на тие што ги интервјуирав, затоа што од „прва“ ја прифатија мојата покана, што навистена и не беше лесна задача, ниту за мене, ниту за семејството, ниту за моите соработници, рече на промоцијата авторот, Марјан Гијовски.
Во книгата на стотина страници се поместени кажувања на негови познаници,  другари и пријатели. Промоцијата имаше и видео содржини, што со чувство беа вклопени во „сценариот“ за овој настан, кој, можеби беше и најпосетен во ЦК „Бели мугри“ во изминатите неколку месеци.
– Напишаното од авторот  е книжевен споменик за Стојанче за век и веков. Гијовски направил големо дело, со многу енергија и љубов. Благодарност и за неговите родители што дозволија да се напише книгата, која како четиво е прифатлива и поучна за сите  генерации, смета рецензентката, Ленче Стојmeнова.
Сите испечатени примероци на книгата за Стојанче Стефанов, авторот м-р Марјан Гијовски, синоќа ги потпиша и подели на присутните во салата за промоциии на Националната установа од Кочани. Тој најави второ издание, кое исто така, ќе биде бесплатно поделено на секој што ќе пројави интерес да ја има книгата за 24 – годишното момче од кочанската населба Оризари, 62 – ра жртва на пожарот во „Пулс“.
Промотори на книгата на книгата на Гијовски, беше  Доне Донев, а модератор на настанот Марина Гоцевска.